Британскиот јавен радиодифузен сервис Би-Би-Си побара од судот во Флорида да издаде судски покани за членовите на семејството на Доналд Трамп. Овој потег е дел од правната одбрана во тужбата што Трамп ја поднесе против Би-Би-Си барајќи 10 милијарди долари отштета за клевета, според судскиот поднесок објавен во петок, објави CBS News.
Правниот тим на Би-Би-Си побара од Окружниот суд во Јужниот округ на Флорида да одобри доставување судски покани за Доналд Трамп помладиот, Иванка Трамп и Џаред Кушнер. Судските покани ќе ги принудат да сведочат и да предадат документи за настаните од 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на тогашниот претседател упаднаа во американскиот Капитол.
„Овие лица имаат лично знаење и веројатно поседуваат или контролираат документи што се релевантни за повеќе елементи од обвинувањата на тужителот против Би-Би-Си“, изјави правниот тим на медиумот во судскиот поднесок.
Судот им даде рок на адвокатите на Трамп до петок да одговорат на барањето. Си-Би-Ес њуз во понеделникот контактирал со адвокатот на Трамп, Алехандро Брито, кој го застапува во случајот, но не одговорил.
Портпаролот на правниот тим на Трамп ја обвини Би-Би-Си за „обид да го вознемири него [претседателот Трамп], неговото семејство и поддржувачите со злоупотреба на процесот на собирање сведоштва“.
„Би-Би-Си едноставно се обидува да го одвлече вниманието од својата јасна одговорност“, се вели во соопштението.
Трамп ја тужеше Би-Би-Си во декември за клевета и измамнички и нефер трговски практики. Тужбата се фокусира на начинот на кој документарецот „Панорама“ од 2024 година го монтирал говорот што Трамп го одржал во Вашингтон кратко пред да го нападне Конгресот.
фото/Depositphotos
Текстот Трамп ја тужи Би-Би-Си за 10 милијарди долари е превземен од МАКФАКС.





