Украина не може да се согласи на модел на членство во Европската Унија со кој трајно би ѝ била ограничена продажбата на одредени прехранбени производи на пазарот на ЕУ, изјави украинскиот министер за земјоделство Тарас Висоцки за „Политико“.
Европската комисија го поддржа таквиот модел во рамките на ревизијата на политиката за проширување, со која ЕУ се подготвува за идни проширувања.
„За нас постои суштинска разлика меѓу преоден период и трајно ограничување. Украина е подготвена да го прифати првото. Второто би било спротивно на самата логика на полноправното членство во Европската Унија“, порача Висоцки во писмена изјава.
Можното пристапување на Украина во Европската Унија отвора низа важни прашања поврзани со земјоделските субвенции и увозот на храна.
Украина извезува милиони тони жито на светскиот пазар, додека своите производи на пазарот на ЕУ во моментов ги пласира во рамките на строг систем на квоти. Одделни земји членки, меѓу кои и Полска, во минатото го блокираа увозот на украинско жито за да ги заштитат сопствените земјоделци.
Европската комисија во својот предлог наведува дека сака „значително да ја ограничи финансиската поддршка и пристапот до пазарот“ за чувствителните земјоделски производи.
Наместо да ѝ овозможи на Украина целосен пристап до европскиот пазар, Комисијата повеќе би сакала да ѝ помогне повторно да се позиционира на своите „историски“ извозни пазари, меѓу кои се Африка и Блискиот Исток, се наведува во нацрт-предлогот.
Висоцки, сепак, смета дека Украина не треба „исклучиво“ да се гледа како закана за европските земјоделци.
Според него, Украина би можела да ѝ помогне на Европската Унија да ја намали зависноста од увоз од трети земји кога станува збор за производи како ѓубрива, соја и лизин, кој се користи во сточната храна.
Истовремено, украинските производители би можеле да им овозможат на европските компании подобар пристап до извозните рути преку Црното Море, смета министерот.
Украина, додаде тој, би можела да стане и важна дестинација за инвестиции во капацитети за преработка на храна.
„Нашата цел е да стигнеме до членство со сектор кој на Европа нема да ѝ продава само жито и други суровини, туку и сточна храна, состојки, преработени производи и биогорива“, рече Висоцки.
Украинскиот министер потврди дека Киев е подготвен да прифати преодни периоди во процесот на приближување кон полноправното членство во ЕУ.
Таквите периоди би можеле да вклучуваат постепено воведување на земјоделските субвенции, привремени квоти и заштитни механизми за чувствителните производи.
Клучниот услов за Украина, сепак, е таквите мерки да бидат привремени и да имаат јасно утврден рок на завршување.
Киев затоа ја прифаќа можноста за постепено отворање на европскиот пазар, но ја отфрла идејата ограничувањата на неговиот пристап до пазарот на ЕУ да станат траен дел од идното членство.
За Украина, порача Висоцки, таквиот аранжман би бил неспојлив со самата идеја за полноправно членство во Европската Унија.
Текстот Украина постави услов до Брисел за членството во ЕУ е превземен од МАКФАКС.





