Финскиот министер за одбрана: Русија ги зајакнува своите воени капацитети на Арктикот

Финскиот министер за одбрана: Русија ги зајакнува своите воени капацитети на Арктикот

пред 3 часа

Русија го интензивира своето воено присуство на Арктикот и гради нови воени објекти по границата со Финска, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен.

Тој истакна дека безбедноста на тој регион е од клучно значење за стабилноста на Европа и дека европското нуклеарно одвраќање не може да го замени НАТО.

Во интервју за „Јуроњуз“ на маргините на Минхенската безбедносна конференција, Хаканен изјави дека Русија има поголем дел од своите стратешки капацитети, вклучувајќи нуклеарни подморници и бомбардери со долг дострел, на полуостровот Кола.

Според него, Москва гради нови воени објекти по финската граница, што потсетува на периодот на Студената војна, поради што, како што оцени, е потребно да се зајакнат одбранбените капацитети на Арктикот заради одвраќање.

Тој нагласи дека финските вооружени сили се целосно обучени за арктички услови и се подготвени да го споделат своето искуство со сојузниците.

Финска, која се приклучи на НАТО по руската инвазија на Украина, го поздрави обновеното планирање на Алијансата за одбрана на северот, но Хаканен смета дека безбедноста на тој регион требало да биде приоритет порано.

Зборувајќи за финансирањето, Хаканен изјави дека Финска, како и 18 други членки на ЕУ, побарала средства од фондот на Унијата во вредност од 150 милијарди евра за одбранбени кредити, и дека барањето на Хелсинки во износ од 1 милијарда евра било одобрено минатиот месец. Поголемиот дел од средствата ќе бидат инвестирани во копнени сили, вклучително и купување оклопни возила и беспилотни летала.

Текстот Финскиот министер за одбрана: Русија ги зајакнува своите воени капацитети на Арктикот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top