Франција и Германија бараат нови мерки за намалување на зависноста на ЕУ од Кина

Франција и Германија бараат нови мерки за намалување на зависноста на ЕУ од Кина

пред 5 часа

Франција и Германија побараа од Европската комисија нови овластувања за побрза заштита на европскиот пазар во услови на сè поголем трговски притисок од Кина. Во писмо до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, Париз и Берлин предлагаат инструменти со кои ЕУ би можела да го ограничи пристапот до својот пазар, да ја намали зависноста од одделни добавувачи и да се подготви за можни контрамерки од други држави.

Брисел смета дека трговските односи со Кина стануваат сè понеодржливи. Трговскиот дефицит на ЕУ со Кина во 2025 година, според проценките, достигнал една милијарда евра дневно. Кина до крајот на месецот би требало да понуди отстапки. За оваа тема се очекува да се разговара и на самитот на Европскиот совет следната недела, пишува „Еуроњуз“.

„Потребна ни е сеопфатна рамка што ќе го дополни нашиот сет инструменти со нови правни механизми, на едноставен и небирократски начин“, се наведува во писмото што денеска го потпишаа францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Во придружниот документ се предупредува дека „силен индустриски шок“ ги погодува секторите клучни за европската економија, меѓу кои фармацевтската индустрија, воздухопловството, автомобилската индустрија, индустриските машини и хемиската индустрија.

Франција и Германија сакаат нов инструмент што би се користел „кога трети земји со политички или економски средства се обидуваат да го поткопаат воспоставувањето рамноправни услови и фер пазарна конкуренција, што доведува до сериозни и системски нарушувања“.

Таквиот инструмент би можел да го ограничи пристапот до единствениот европски пазар. Париз и Берлин сакаат одлуките да се носат брзо. Според предлогот, инструментот треба да биде неутрален во однос на земјите и да ги опфаќа сите видови пазарни нарушувања – од одделни производи до цели сектори, како и од субвенции до манипулација со валути.

Според извор од Елисејската палата, целта е да се овозможи воведување царини, но и други мерки со кои ЕУ би покажала решителност повторно да воспостави рамноправни услови на пазарот.

Париз и Берлин бараат и нов инструмент за намалување на зависноста од еден добавувач или од една земја. При тоа би се разгледувало колку ЕУ зависи од одредена земја или компанија и колкав е нивниот удел на глобалниот пазар.

Во документот се предупредува дека посилните трговски мерки би можеле да предизвикаат контрамерки и да го стават на тест политичкото единство на ЕУ.

„ЕУ мора да биде подготвена и во своите политики, инструменти и мерки да ги земе предвид меѓународните реакции и можните контрамерки. Разбирањето на обемот и разновидноста на притисокот е клучно“, се наведува во документот.

Поради тоа се предлага изработка на список на можни контрамерки и процена на нивното влијание врз секоја земја членка.

Франција и Германија сакаат и Европската комисија почесто да отвора истраги по сопствена иницијатива и поинтензивно да ги користи постојните инструменти за трговска заштита.

Тие наведуваат дека „заштитата на тесни категории производи сега е недоволна со оглед на посистемските нарушувања и глобалната доминација на трети земји во целиот синџир на вредност во одделни сектори“.

Текстот Франција и Германија бараат нови мерки за намалување на зависноста на ЕУ од Кина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top