Шведска ги укина сите мерки

пред 3 години

Шведскиот институт за јавно здравје објави дека пандемијата во таа земја е ставена под контрола и дека се укинати мерките воведени во борбата против ширењето на коронавирусот. Во соопштението се наведува дека мерките се олеснети од почетокот на јуни, а денеска се целосно укинати.

Во соопштението се додава дека носењето маска и ПЦР-тестирањето и понатаму ќе биде задолжително за патниците во авионите, бидејќи тоа е меѓународна норма воведена среде пандемија, пренесува агенцијата Анадолија.

Дека сите мерки ќе бидат укинати, беше објавено претходно овој месец на прес -конференција од министерката за јавно здравје и социјална заштита Лена Халенгрен и директорот на Институтот за јавно здравје Јохан Карлсон.

Одлуката за укинување на ионака благите мерки се заснова на високата стапка на вакцинација и ниската стапка на смртност од Ковид-19.

Во Шведска, 83,6 проценти од возрасната популација ја прими првата доза на вакцината, а 76,5 проценти од таа популација ја прими втората доза. Третата доза на вакцината започнува денеска во Шведска.

Од денес, веќе нема ограничувања за бројот на учесници на јавни собири, како што се концерти или натпревари. Од 15 јули, бројот на учесници беше ограничен на 3.000 на отворено и 300 во затворен простор. Укинати се и ограничувањата за приватни собири во затворени простории, на кои досега не можеа да присуствуваат повеќе од 50 луѓе. Но, можеби најизненадувачки е повлекувањето на препораката за работа од дома, што значи дека многу компании, јавни и државни институции ќе ги повикаат вработените да се вратат во своите канцеларии по една ипол година.

„ Се покажа дека вакцините се ефикасни. Имаме добра покриеност за вакцинација и јасно го гледаме ефектот од вакцинацијата. Имаме најниска стапка на смртност во Европа. Ограничувањата што сега ги укинуваме веќе не можат да се оправдаат од гледна точка на јавното здравје. Вакцинираните од денеска начелно можат да живеат како и порано, а невакцинираните ризикуваат сериозни болести “, рече Карлсон, додавајќи дека шведските граѓани мора да прифатат дека Ковид-19 стана дел од нивниот секојдневен живот.

Според Карлсон, болеста влијае главно на невакцинирани луѓе, така што интензивната кампања за вакцинација продолжува на сите возрасти, особено кај тинејџерите на возраст од 16 до 18 години

Share
Scroll to Top