Јоргенсен бара непречен извоз на дизел од САД, предупредува на тешка зима во Европа

Јоргенсен бара непречен извоз на дизел од САД, предупредува на тешка зима во Европа

пред 5 часа

Европскиот комесар за енергетика Дан Јоргенсен го повика американскиот претседател Доналд Трамп да обезбеди непречен извоз на дизел кон Европа, предупредувајќи дека прекинот на американската испорака дополнително би ги зголемил цените и би ја загрозил енергетската сигурност на континентот.

Јоргенсен изјави дека слободниот проток на енергија меѓу САД и Европа е во интерес на двете страни, но предупреди дека и без прекин на американскиот извоз Европа би можела да се соочи со една од најтешките зими од енергетската криза во 2022 година.

Цените на дизелот во Европа се движат близу рекордните нивоа. Трамп претходно неделава изјави дека би поддржал забрана за извоз на дизел од САД, што предизвика нестабилност на пазарот. Трговците предупредија дека таквата мерка би можела сериозно да влијае врз европското снабдување, имајќи предвид дека САД се меѓу најголемите снабдувачи на Европа.

Американскиот министер за енергетика Крис Рајт во меѓувреме изрази сомнеж дека целосната забрана за извоз би била оправдана, но неизвесноста дополнително го зголеми притисокот врз европскиот енергетски пазар.

Цените на природниот гас во Европа неодамна достигнаа највисоко ниво од енергетската криза во 2022 година, додека цената на суровата нафта „Брент“, според податоците наведени во извештајот, е над 100 долари за барел. Состојбата дополнително ја усложнува конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување.

Брисел разгледува краткорочни мерки

Јоргенсен потврди дека Европската комисија разгледува краткорочни мерки за намалување на цените на фосилните горива во ЕУ.

Тоа следува по повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за итни мерки, меѓу кои одложување на построгите правила за увоз на метан и поголема флексибилност во регулативата поврзана со горивата.

Јоргенсен не ги коментираше конкретно предлозите на Макрон, но рече дека во наредните недели и месеци може да се очекуваат различни форми на флексибилност што ги бараат земјите членки.

Еден претставник на Европската комисија подоцна потврди дека Јоргенсен побарал да се разгледа можноста за едногодишно одложување на примената на правилата за метан.

ЕУ се соочува со притисок врз цените

Според организацијата „Transport & Environment“, европските граѓани за полн резервоар дизел веќе плаќаат околу 30 евра повеќе отколку во периодот пред конфликтот меѓу САД и Иран.

Зголеменото производство во американските и европските рафинерии досега овозможуваше земјите од ЕУ да обезбедат доволни количества дизел и авионско гориво. Сепак, евентуалниот прекин на американскиот извоз би можел да предизвика дополнителен раст на цените на глобално ниво.

Јоргенсен изрази надеж дека таквото сценарио ќе биде избегнато, но пред состанокот на министрите за енергетика на ЕУ во Даблин следната недела предупреди дека Европа мора да се подготви за можен натамошен раст на цените.

Тој ги повика земјите членки да ги намалат даноците на електричната енергија и да ги зголемат инвестициите во обновливи извори. Според него, електрификацијата е долгорочен начин Европа да ја намали зависноста од фосилните горива.

„Најверојатно сценарио е да имаме многу високи цени, но без проблеми со сигурноста на снабдувањето. На луѓето кои не можат да си дозволат гориво не им значи многу дали го има на пазарот ако не можат да го купат“, рече Јоргенсен.

Тој предупреди дека зависноста од фосилните горива може да ја претвори сегашната енергетска нестабилност во долгорочен проблем за Европа.

Текстот Јоргенсен бара непречен извоз на дизел од САД, предупредува на тешка зима во Европа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top