Австралија од ноември ја укинува забраната за патување во странство

пред 3 години

Австралискиот премиер Скот Морисон денеска објави дека 18-месечната забрана за Австралијците кои патуваат во странство ќе биде укината следниот месец, со што ќе се олесни едно од најстрогите ограничувања воведени како дел од борбата против Ковид-19 на глобално ниво.

Повторното отворање на меѓународната граница за граѓаните ќе биде поврзано со воспоставување домашен карантин во осум австралиски држави и територии, рече Морисон, што значи дека некои делови од земјата ќе се отворат порано од другите, наведува „Ројтерс“.

Првата фаза од планот, додава тој, ќе се фокусира на дозволување на граѓаните и постојаните жители да ја напуштат Австралија.

„ Време е да им го вратиме животот на Австралијците. Спасивме животи“ рече Морисон за време на телевизиската прес -конференција.

Според планот објавен денеска, Австралијците кои се целосно вакцинирани ќе можат да патуваат во странство и да одат во седумдневен карантин по враќањето дома. Луѓето кои не се вакцинирани ќе мора да поминат 14 дена во карантин во хотел по нивното враќање во земјата.

Морисон рече дека неговата влада работи и на можноста да се патува без карантин, со земји како Нов Зеланд.

Извор од австралиската влада наведува дека се разговара и за плановите да им се дозволи на странските посетители да влезат во земјата, но дека се уште не е можно да се дефинира временска рамка.

Морисон ја затвори меѓународната граница во март 2020 година. Оттогаш, само на ограничен број луѓе им беше дозволено да ја напуштат земјата од деловни или хуманитарни причини.

На граѓаните и постојаните жители им беше дозволено да се вратат од странство, под услов на ограничени квоти и задолжителен 14-дневен карантински период поминат во хотел на сопствен трошок.

Share
Scroll to Top