Министерот за внатрешни работи на Австрија, Карл Нехамер, остро го критикуваше претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, тврдејќи дека тој не придонесува за деескалација, туку за ескалација на насилството на Блискиот Исток.
На прес-конференција, Нехамер рече дека Ердоган долева масло на оган.
Тој посочи дека веќе минатото лето имало јасни информации дека Турција влијаела врз предизвикувањето немири во 11. општина во Виена, кога се судрија припадниците на турската и курдската заедница.
Во тоа време, симпатизерите на турските Сиви волци, тврди министерот, го нападнаа курдскиот митинг против насилството врз жените, а сега Турција влијае врз демонстрациите насочени против Израел.
Покрај изјавите на Ердоган, Нехамер спомна бројни турски знамиња на антиизраелските протести во Австрија.
„Нема причина конфликтите да се пренесуваат од странство во Австрија“, рече Нехамер, додавајќи дека австриските власти ќе постапат решително против антисемитската и антиизраелската омраза на протестите.
Тој рече дека Австрија има историска одговорност кон Евреите, кои мора да имаат шанса да живеат безбедно во оваа земја.
По неколкудневни немири и конфликти во 11. општина во Виена меѓу Курдите и Турците пред скоро една година, полицијата спроведе неколку акции пред неколку дена.
Нехамер извести дека се извршени повеќе од 100 апсења и поднесени се 164 пријави, а биле проверени над 3.200 лица и додаде дека полицијата, по тие конфликти, работела на разбивање на мрежите што стојат зад тие немири.