Австрија купува милион дози на „спутник В“

пред 3 години

Австрија има намера од април да купи милион дози руска вакцина од „спутник В“ против новиот коронавирус, објави австрискиот канцелар Себастијан Курц, пренесуваат австриските медиуми.

„Не треба да имаме геополитички предрасуди за вакцините. Единствено што е важно е дали вакцината е ефикасна и безбедна, а не од каде потекнува. Од февруари сме во добар дијалог со руската страна, за што сум многу благодарен. Ако Австрија прими дополнителни милиони дози вакцина, ќе биде можно побрзо да се вратиме во нормала и ќе можеме да спасиме многу животи и работни места“, истакна Курц.

Според информациите на канцеларијата на австрискиот канцелар, Австрија и Русија во моментов преговараат за купување на милион дози на „спутник В“.

Вакцината „спутник В“, е произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со рускиот фонд за директни инвестиции, на 11 август доби потврда за регистрација од руското министерство за здравство, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирусот во светот.

Вакцината е регистрирана во скоро 60 земји со вкупно население од над 1,5 милијарди луѓе.

Ефикасноста на препаратот е 91,6 проценти, што беше потврдено во списанието „Лансет“, едно од најстарите и најценетите медицински списанија во светот.

Вакцината е изградена на докажана и добро проучена платформа на човечки аденовирусни вектори и користи два различни вектори за две дози за време на вакцинацијата, велат експертите.

Share
Scroll to Top