Германија преговара со Соединетите Амeрикански Држави, Турција и другите партнери за да го задржи аеродромот во Кабул отворен за евакуација и по 31 август, датум кога Вашингтон предвиде дека ќе го заврши повлекувањето од Авганистан, изјави денеска шефот на германската дипломатија.
„Треба да ги продолжиме разговорите со Талибанците, бидејќи тие сигурно ќе имаат посебна улога во функционирањето на аеродромот по повлекувањето на американските војници“, рече Хајко Мас на прес -конференција.
На аеродромот во Кабул, единствениот излез од Авганистан, се води трка со времето итно да се евакуираат странците.
Мас рече дека ситуацијата е се уште опасна и се повеќе хаотична во последните часови и на приодите кон аеродромот, и како што пренесуваат медиумите во светот ги советувал луѓето да не се обидуваат да одат таму сами.
Германските војници ги разгледуваат и ги спроведуваат сите можни опции за евакуација на Германците и Авганистанците кои бегаат од Талибанците, рече тој.
Мас рече дека се водат разговори со соседите на Авганистан, како што се Узбекистан, Пакистан, Индија и Таџикистан, така што Авганистанците што Берлин прифаќа да ги преземе, можат по копно да одат во амбасадите на тие земји за да поднесат барање за виза, пишуваат агенциите.
Пентагон денеска објави дека околу 16.000 луѓе биле евакуирани од Авганистан од аеродромот во Кабул во последните 24 часа и дека приближувањето на рокот за повлекување на Американците доведе до забрзување на операциите.