Азербејџанската армија по 28 години влезе во Лачин

пред 4 години

Војниците на Азербејџан по 28 години влегоа во Лачин, кој беше под ерменска окупација, и го поставија азербејџанското знаме во центарот на градот, пренесува „Анадолија“.

На снимките споделени од Министерството за одбрана на Азербејџан, се гледа како командантот на војниците што влегоа во градот, пред зградата каде што беше поставено знамето се обраќа до претседателот Илхам Алиев.

„ Почитуван врховен командант, знамето на Азербејџан се вее во градот Лачин. Да живее Азербејџан. Да живее врховниот командант. Карабах е Азербејџан“, истакна командантот.

Во операцијата што ја започна азербејџанската Армија на 27 септември, од окупација беа ослободени пет центри на градови, четири града и 286 села. Ерменија го прифати поразот и потпиша договор за евакуација на окупираните региони Агдам, Лачин и Калбаџар.

Ерменската Армија од Агдам се повлече на 20 ноември, а од Калбаџар на 25 ноември. Вчера се повлече и од Лачин.

Во нивната трилатерална изјава, лидерите на Русија, Азербејџан и на Ерменија рекоа дека коридорот Лачин што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах, долг 5 километри, кој ќе го поврзе Нагорно-Карабах со Ерменија и нема да ја вклучува Шуша, треба да остане под контрола на мировниот контингент на Русија, пренесува ТАСС.

„Мировниците гарантираат безбедност на сообраќајот на цивилните возила и движење на граѓаните низ коридорот Лачин, испорака на прехранбени производи и разна стока и ја придружуваат и обезбедуваат безбедност на екипите за поправка, кои ги исполнуваат задачите на враќање на инфраструктурните објекти “, се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Командата на рускиот мировен контингент претходно забележа дека примопредавањето на областите Агдам и Калбџар е извршено како што било планирано, без какви било инциденти или провокации.

Во меѓувреме, турските вооружени сили ѝ пружаат поддршка на азербејџанската армија во расчистувањето на мините во азербејџанските територии ослободени од ерменска окупација, соопшти Министерството за национална одбрана на Турција.

Во сооопштението, исто така, е најавено дека вооружените сили ќе обезбедат воена обука за азербејџанската армија.

„Турските тимови за отстранување експлозивни направи ќе ја поддржат азербејџанската Армија и нејзините трупи во расчистувањето мини и импровизирани експлозивни направи во областите ослободени од ерменската окупација“, се истакнува во соопштението.

Share
Scroll to Top