Американскиот државен секретар: Русија не покажува желба за примирје

пред 2 години

Русија не покажува знаци на вистинска желба за постигнување мир во Украина, и покрај надежите дека преговорите меѓу руските и украинските претставници во Турција ќе водат кон тоа, изјави денеска американскиот државен секретар Антони Блинкен.

Украина предложи прифаќање на статусот на неутралност со цел да се стави крај на петнеделниот конфликт, а Русија соопшти дека ќе ја намали воената активност на северниот фронт во близина на Киев со цел да се исполнат условите во кои може да се постигне договор.

Блинкен рече дека Украина треба да процени дали има вистински напредок во преговорите, додавајќи дека САД се фокусирани на акциите на Русија, а не само на зборовите.

„Русија не престанува да врши злосторства против Украина“, изјави Блинкен пред новинарите, повикувајќи ја Москва веднаш да ја прекине агресијата и да ги повлече своите сили.

Русија ја нарекува својата мисија „специјална операција“ чија цел е разоружување и денацификација на Украина. Западот тврди дека станува збор за неиспровоциран напад. Вашингтон е подготвен да го прифати исходот од преговорите што ќе вклучи посветеност на САД да им помогне на „одбраната и безбедноста“ на Украина, додаде Блинкен.

„Не видов никакви докази за сериозна промена во преговорите, но ако Украина каже дека има, ние ќе ги поддржиме“, рече тој.

Share
Scroll to Top