Две офанзивни групи американски носачи на авиони спроведоа заеднички вежби во Јужното Кинеско Море, пренесува РТ.
„Двете групи, предводени од УСС Теодор Рузвелт и УСС Нимиц, тренираа во Јужното Кинеско Море во вторникот. Заедничката вежба во ваква област со голем трговски сообраќај беше дизајнирана да ја демонстрира способноста на морнарицата на САД да работи во предизвикувачки средини,“ се вели во соопштението на американската морнарица.
„Преку вакви операции, гарантираме дека сме тактички вешти да одговориме на предизвикот за одржување на мирот и дека можеме да им покажуваме на нашите партнери и сојузници во регионот дека сме посветени на промовирањето слободен и отворен Индо-Пацифик“, рече командантот на УСС Теодор Рузвелт, адмиралот Даг Верисимо.
Ова ново покажување сила доаѓа неколку дена откако американски бродови пловеа покрај островчиња контролирани од Кина во спорните води, предизвикувајќи гнев кај Пекинг.
„Кина ќе продолжи да одржува високо ниво на подготвеност во секое време, навремено да одговара на сите закани и провокации и одлучно да ги брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет“, рече портпаролот на кинеското МНР.
Јужното Кинеско Море е постојан извор на тензии меѓу САД и Кина во последните неколку години. Вашингтон повеќепати испраќаше поморски конвои во регионот, оправдувајќи ги со претпоставената потреба за заштита на „слободата на навигација“ во областа.
Операциите резултираа во повеќе инциденти меѓу кинеската и американската војска.