Американски официјални лица предупредиле дека во САД не треба да се користат кинески тестови за коронавирус

пред 3 години

Американски дипломати и безбедносни служби ги предупредиле властите во Невада да не користат кинески тестови за коронавирус, дознава АП.

Тестовите пристигнале во САД како донација од Обединетите Арапски Емирати, објави АП.

Според документите до кои агенцијата АП имала пристап, предупредувањето е испратено поради загриженост за приватноста на пациентите, точноста на тестот и вклученоста на кинеската влада во проектот.

Информациите до кои дојде АП го илустрираат обидот на американската влада да спречи федералната држава да има каква било врска со проектот во кој е вклучена кинеската групација БГИ, водечка компанија за генетско секвенционирање.

Како резултат на предупредувањата од официјалните претставници на државната безбедност и Стејт департментот, гувернерот на Невада, Стив Сисолак, наредил да не се користи ниту еден од донираните 250 000 комплети за тестирање во болница во таа американска држава.

Според АП, геополитиката може да има улога во тоа предупредување, имајќи ја предвид трговската војна што американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација ја водат против Кина.

Администрацијата на Трамп, на пример, активно лобираше кај своите сојузници да не ја користат телекомуникациската опрема на кинеската компанија Хуавеи, повикувајќи се на безбедносни ризици.

Share
Scroll to Top