Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја одби работата што и ја понуди во Обединетите нации генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Гутереш предложи Меркел да претседава со советодавно тело составено од поранешни шефови на држави и влади, според извор од Обединетите нации.
„Меркел разговараше со генералниот секретар на ОН минатата недела, му се заблагодари и му одговори дека нема да ја прифати понудата“, изјавија за ДПА од кабинетот на поранешната канцеларка.
Пред неодамнешните парламентарни избори во Германија, поранешната германска канцеларка (67) најави дека нема да се кандидира за нова функција во партијата и дека се повлекува од политичкиот живот по 16 години како канцелар.
Нејзин наследник како канцелар стана социјалдемократот Олаф Шолц, кој беше министер за финансии во коалициската влада на Меркел.