Берлускони: Крајно сум разочаран од Путин, нападот на Украина ја фрли Москва во прегратките на Кина

пред 2 години

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони изјави дека е крајно разочаран и тажен од однесувањето на рускиот претседател Владимир Путин.

Берлускони, кој со години има блиски пријателски односи со рускиот лидер, рече дека Путин мора да ја преземе целосната одговорност во очите на светот поради инвазијата на Украина, пренесе Ројтерс.

„Го познавам 20 години и секогаш ми изгледаше како човек на демократијата и мирот. Каква штета“, рече Берлускони на конвенцијата на неговата конзервативна партија „Форца Италија“ во Рим.

Ова се првите јавни коментари на Берлускони за Путин откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, пренесуваат медиумите.

Берлускони, кој во 2015 година го нарече Путин „несомнено број еден меѓу светските лидери“, еднаш, според Ројтерс, за рускиот претседател изјавил „дека се чини дека тој е негов помлад брат“.

„Наместо Русија да влезе во Европа, нападот на Украина ја фрли Москва во прегратките на Кина. Каква штета, каква штета“, повторил Берлускони.

Share
Scroll to Top