Германската компанија „Бионтек“ вети дека ќе ја зголеми испораката на вакцини во Европската Унија за 75 милиони дополнителни дози во вториот квартал по силниот притисок на Германија и другите европски земји за забрзување на вакцинацијата.
Објавата од компанијата со седиште во Мајнц, која ја разви вакцината и се здружи во производството со американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“, следуваше неколку часа пред германската канцеларка Ангела Меркел да се состане со највисоките германски претставници поради бавната вакцинација во Германија.
„Ние продолжуваме да работиме на зголемување на испораката в недела на 15 февруари за да обезбедиме испорака на целиот број дози во првиот квартал, како што е наведено во договорот“, напиша во изјавата главниот финансиски директор на „Бионтех“, Сиерк Потинг.
„Покрај тоа, можеме да ѝ доставиме до 75 милиони дополнителни дози на Европската Унија во вториот квартал“, додаде тој.
Унијата е под притисок да ја брани својата стратегија за вакцинирање во последните неколку недели, особено по логистичките проблеми на британско-шведската компанија „Астра зенека“, која објави дека ќе може да испорача многу помала количина вакцина од ветената.
Видеоконференцијата, наречена самит за вакцинација со Меркел, вклучува премиери на 16 германски сојузни држави, претставници на производители на вакцини и на Европската комисија, која купува вакцини во име на Европската Унија.
Од почетокот на вакцинацијата во Германија на 27 декември дадени се над 2,3 милиона дози вакцини и речиси 2,2 процента од населението ја примиле првата доза.