Здравствените системи во повеќето од најголемите бразилски градови се близу до колапс поради големиот број заразени со „Ковид-19“, предупредува извештајот на институтот „Фиокурз“ во земјата.
Институтот со седиште во Рио де Жанеиро наведува дека над 80 проценти од креветите на единиците за интензивна нега се окупирани во главните градови на 25 од 27 бразилски држави.
Во извештајот се предупредува дека бројките укажуваат на „преоптоварување, па дури и колапс на здравствените системи“.
Во вторникот земјата забележа 1.972 смртни случаи од Ковид, нов дневен рекорд. Од почетокот на пандемијата, Бразил забележа повеќе од 266.000 смртни случаи и 11 милиони случаи.
Има втор најголем број на смртни случаи во светот по САД и трет најголем број на потврдени случаи.






