Борел: Хамас ги користи болниците како жив штит, Израел да се воздржи

Борел: Хамас ги користи болниците како жив штит, Израел да се воздржи

пред 6 месеци

Европската унија го осуди користењето на болниците и цивилите од страна на Хамас како жив штит во Појасот Газа, повикувајќи го Израел да спроведе најголема можна воздржаност за да ги заштити цивилите во тековната војна.

„ЕУ го осудува користењето на болниците и цивилите од страна на Хамас како жив штит и е исклучително загрижена поради влошувањето на хуманитарната криза во Газа“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

„Војничките дејствија имаат сериозни последици за болниците и сериозно ги погодуваат цивилите и медицинскиот персонал“, предупреди тој, посочувајќи дека според меѓународното хуманитарно право – болниците, медицинската опрема и цивилите во болниците мора да бидат заштитени.

„Покрај тоа, болниците мора веднаш да бидат снабдени со најнеопходната медицинска опрема, а пациентите на кои им е потребна итна медицинска помош мора да бидат евакуирани во безбедни услови. Во оваа смисла, го повикуваме Израел да покаже најголема можна воздржаност за да се обезбеди заштита на цивили“, додаде тој. Повикот беше упатен додека беснеат борби околу болницата Ал Шифа, најголемата во Појасот Газа.

Заменик-министерот за здравство во владата на Хамас претходно изјави за АФП дека зградата за кардиологија во таа болница била целосно уништена во израелски воздушен напад. Израелската армија сè уште не го коментираше извештајот, а АФП не можеше да го потврди бомбардирањето, но барем еден сведок од болницата ги потврди нападите и штетата.

Израел негира дека намерно цели болници. Го обвинува Хамас дека ги користи овие згради и тунели под нив како скривалиште, што исламистичката милитантна група го негира. Во изјавата на Борел се повторува ставот на Брисел дека Израел има право да се брани во согласност со меѓународното и хуманитарното право.

Но, ЕУ се придружува на повиците за прекин на огнот во конфликтот и воспоставување хуманитарни коридори во Појасот Газа што е можно поскоро. Освен тоа, го повикува Хамас да ослободи повеќе од 240 заложници земени за време на неговиот напад на 7 октомври и нагласува дека е исклучително важно Меѓународниот комитет на Црвениот крст да има пристап до заложниците.

Текстот Борел: Хамас ги користи болниците како жив штит, Израел да се воздржи е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top