Бранови од вештачка интелигенција пристигнуваат на социјалните мрежи, препознавањето станува невозможно

Бранови од вештачка интелигенција пристигнуваат на социјалните мрежи, препознавањето станува невозможно

пред 4 часа

Социјалните мрежи наскоро би можеле да се соочат со нова, далеку пософистицирана закана – роеви на вештачка интелигенција што ќе шират дезинформации, ќе ги вознемируваат корисниците и ќе влијаат врз демократските процеси. На ова предупредуваат научници, кои велат дека ваквите системи би можеле радикално да го променат начинот на кој се формира јавното мислење во дигиталниот простор.

Според коментар објавен на 22 јануари во научното списание Science, таканаречените „роеви на вештачка интелигенција“ имаат потенцијал да станат ново оружје во информативните војни.

Тешко препознатливи дигитални актери

За разлика од класичните ботови, кои најчесто се примитивни и релативно лесно се откриваат, овие напредни системи можат убедливо да го имитираат човечкото однесување. Тие се способни да се прилагодат на онлајн-заедниците во кои се вметнати, да комуницираат со други корисници и да создадат впечаток на спонтано и автентично дејствување.

Со други зборови, на корисниците може да им изгледа дека пред нив се формира мнозинско мислење, иако во реалноста тоа е внимателно оркестриран процес управуван од вештачка интелигенција.

Замислете ситуација во која ставовите во вашата омилена онлајн-заедница одеднаш почнуваат брзо да се зацврстуваат околу теми за кои до неодамна се воделе жестоки дебати. Луѓето, по правило, имаат тенденција да го следат она што го доживуваат како мнозинско мислење. Проблемот настанува кога тоа „мнозинство“ всушност не постои, туку е создадено од невидлив рој агенти на вештачка интелигенција што дејствуваат во интерес на поединец, политичка партија, корпорација или држава.

Слабост на човечката природа

Како што објаснува коавторот на коментарот, Јонас Кунст, професор по комуникација на норвешкото бизнис училиште BI, луѓето по природа се склони кон конформистичко однесување. Тие често ги прифаќаат ставовите и однесувањата на мнозинството затоа што тоа им дава чувство на сигурност, припадност и социјална коректност – дури и кога не се целосно убедени дека мнозинството е во право.

Иако ретко сакаат да го признаат тоа, многумина веруваат дека ставот што го дели мнозинството има посебна вредност. Токму оваа слабост, предупредува Кунст, роевите на вештачката интелигенција би можеле исклучително ефикасно да ја искористат.

Од манипулација до дигитален линч

Манипулацијата со јавното мислење, сепак, не е единствената опасност. Истите системи би можеле да се користат и за организирано онлајн-вознемирување. Луѓе кои не се согласуваат со доминантен наратив би можеле, наместо од вистински корисници, да бидат нападнати од роеви на вештачка интелигенција.

Таквите координирани напади би можеле да прераснат во своевиден дигитален линч, кој би траел сè додека целта не биде замолчена или целосно избркана од платформата.

Текстот Бранови од вештачка интелигенција пристигнуваат на социјалните мрежи, препознавањето станува невозможно е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top