Талибанците убија авганистанска полицајка која била бремена во осмиот месец, изјавија очевидци за Би-Би-Си.
Жената, која локалните медиуми ја нарекоа Бану Негар, е убиена во семејниот дом, пред очите на семејството во градот Фирозох, главниот град на провинцијата Гор. Убиството доаѓа по зголемениот број извештаи за насилство врз жени во Авганистан.
Талибанците за Би-Би-Си изјавија дека не се вмешани во убиството на Негар и дека ја истражуваат нејзината смрт.
Портпаролот на талибанците, Забиула Муџахид изјави дека тие „биле свесни за инцидентот“ и тврди дека не ја убиле полицајката.
Тој додаде дека талибанците веќе ги амнестирале оние што работеле за претходната администрација и дека убиството на бремена полицајка е „некакво лично непријателство или нешто друго“.
Деталите за убиството се уште не се целосни, но многумина во Фирозох се плашат од одмазда ако проговорат.
Меѓутоа, три извори за Би-Би-Си велат дека талибанците во саботата ја тепале и убиле Негар пред очите на нејзиниот сопруг и децата.
Роднините дале докази со прикажување грозни сцени од крв што се наоѓале на ѕидот во аголот на собата и нејзиното тело, додека нејзиното лице било изобличено.
Семејството рекло дека Негар работела во локалниот затвор и дека била во осмиот месец од бременоста.