Бројот на заразени со Ковид-19 во источна Европа надмина 10 милиони

пред 4 години

Бројот на случаи со коронавирус во Источна Европа надмина 10 милиони, според податоците на „Ројтерс“, додека земјите од регионот се обидуваат да ја забрзаат набавката на вакцини од повеќе добавувачи за да ги забрзаат програмите за вакцинација.

Земјите во Источна Европа пријавија повеќе од 10 милиони заразени и 214.691 смртни случаи од почетокот на пандемијата. Сепак, бројот на дневни случаи во регионот опадна за околу 31 процент во последните 30 дена, во споредба со 30 дена порано, покажува анализата на „Ројтерс“.

Русија има најмногу случаи во регионот и стана првата европска земја што во понеделникот премина преку 4 милиони заразени. Земјата, исто така, објави највисоки смртни случаи во Источна Европа, речиси 80.000.

Во пандемијата, во која загинаа над 750.000 луѓе само во Европа, доцнењето во пратката на вакцини произведени од „Астра Зенека“ и „Фајзер“ го загрози планот на Европската унија да вакцинира 70 проценти од возрасните лица до летото.

За да го надополнат недостигот на залихи на вакцини, многу земји во Источна Европа тргнаа во потрага по други производители на вакцини, пред се од Русија и Кина.

Унгарија наскоро ќе започне да ги вакцинира луѓето кои страдаат од хронични болести со руската вакцина „Спутник В“, со што ќе стане прва земја во Европската унија која ги вакцинира своите граѓани со неа, додека чешкиот премиер Андреј Бабиш во средата рече дека ќе ја чека Европската агенција за лекови ( ЕМА) да ја одобри руската вакцина.

Украина, која забележа повеќе од 1,2 милиони случаи и 24.058 смртни случаи, веќе се согласи да купи голем број дози на вакцината од Кина и очекува да добие најмалку 8 милиони дози во рамките на глобалната програма Ковакс за посиромашните земји. Украина официјално ги забрани руските вакцини.