Бугарската потпретседателка во Охрид: Правата на македонските Бугари да бидат вметнати во Уставот

пред 2 години

Бугарските институции ќе продолжат да работат на заштита на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која денеска се наоѓа во посета на Охрид. Таа рече дека Бугарија ќе продолжи да инсистира до европските институции дека не може да каже „да“ за членството на Скопје во ЕУ додека не се регулираат односите со Бугарите во Северна Македонија.

„Кога зборуваме за гаранции, овие гаранции не можат да бидат усни, така што за нас најсериозните гаранции ќе бидат гаранциите на македонските Бугари во Уставот на Република Северна Македонија“, рече Јотова.

Како услови за тргање на ветото, Јотова ја спомена и неопходноста за договор на мешовитата историска комисија и измени во македонските учебници, а зборуваше и за оштетување на бугарски споменици во Македонија.

Според неа, Бугарите во Македонија виделе гаранции за нивна заштита во лицето на бугарската држава.

Јотова рече претставниците на бугарската заедница и’ укажале на неправилности во спроведувањето на пописот. Според податоците, 3.504 лица се Бугари во Република Северна Македонија.

„Првпат разбирам дека оваа мала бројка доаѓа од тоа што на одредени места, кога се изјаснуваат за бугарско потекло, властите однапред побарале прикажување на бугарски документи, кои не постојат како услов“, изјави Јотова.

Потпретседателката Илијана Јотова го посети Охрид на отворањето на канцеларијата на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“ во градот. Таа вчера заедно со бугарскиот премиер Петков и министерката за надворешни работи беше во Битола на отворање на клуб на Културниот центар „Ванчо Михајлов“.

Share
Scroll to Top