Бундестагот одобри задолжителна вакцинација за медицинскиот пресонал

пред 3 години

Германскиот парламент, Бундестаг, денеска со големо мнозинство ги усвои измените на Законот за заштита од заразни болести, кои вклучуваат обврска за вакцинирање на лицата во медицинскиот сектор и им даваат можност на сојузните покраини да воведат дополнителни мерки за борба против пандемијата.

Според новиот закон, медицинскиот персонал и персоналот во домовите за стари и изнемоштени лица има рок до 15 март да докажaт дека се вакцинирани против коронавирусот или дека се опоравиле од Ковид-19. Од обврската се ослободени лицата на кои не им е дозволено да се вакцинираат од здравствени причини.

За да се забрза процесот на вакцинирање на населението, со измените во законот се овозможува вакцинацијата да ја спроведуваат и стоматолози, фармацевти и ветеринари.

Во случај на влошување на епидемиолошката состојба, на сојузните покраини им е дозволено да воведат дополнителни мерки, како што се затворање на ресторани, барови и дискотеки, како и забрана за одржување на саеми и конгреси. Можно е да се забрани и собирање на поголем број посетители на спортски и културни манифестации.

Измените на законот во текот на денот треба да ги одобри и горниот дом на Бундесратот, но зеленото светло од домот на сојузните покраини е сигурно со оглед на тоа што покраините и претходно најавија согласност за овие измени.

„Не можеме да дозволиме луѓето во домовите за стари лица да умираат во втората година од пандемијата поради тоа што персоналот не е вакциниран против коронавирус“, рече новиот германски министер за здравство, Карл Лаутербах, за време на дебатата пред гласањето за промена на законот.

Share
Scroll to Top