Ватикан објави информации за здравствената состојба на Папата

Ватикан објави информации за здравствената состојба на Папата

пред 7 часа

Папата Лав XIV закрепнува според очекувањата по операцијата, тој веќе почна да се движи низ болничката соба и да се храни нормално, соопшти денес Ватикан. Поглаварот на Католичката црква (71) вчера беше подложен на зафат за отстранување на дел од белодробно крило откако му беше дијагностициран малиген тумор, пренесува „Ројтерс“.

Денешните анализи на крвта и рендгенската снимка на градниот кош покажале нормални постоперативни резултати. Папата исто така започна со респираторна физиотерапија, а лекарите засега не пријавиле никакви компликации.

На Папата му беше дијагностициран аденокарцином на белите дробови, најчестата форма на рак на белите дробови. Операцијата траеше приближно 90 минути и помина без компликации, потврдија главниот хирург на Папата, Стефано Маргаритора, и неговиот личен лекар, Луиџи Карбоне.

Ватикан не ја откри големината на туморот ниту дали болеста се проширила на околните лимфни јазли. Овие информации се клучни за проценка на стадиумот на болеста и прогнозата за лекување.

Се очекува Папата да остане во болница околу една недела, а сите негови јавни настапи се откажани до 20 октомври. Сепак, Ватикан засега не ги менува плановите за неговото патување во Јужна Америка.

Тој треба да ги посети Уругвај, Аргентина и Перу во периодот од 6 до 17 ноември. Прес-службата на Ватикан денес изјави дека „ништо не е променето“ во врска со планираното патување.

Дијагнозата за рак на белите дробови предизвика загриженост бидејќи Папата – избран во мај 2025 година – претходно беше познат по доброто здравје и активниот начин на живот. Тој редовно се занимава со спорт, вклучително и тенис. Не е познато дека тој пуши, а во последно време немал сериозни здравствени проблеми.

Болеста на Папата исто така покрена прашања за функционирањето на Католичката црква за време на неговото отсуство. Папата е врховен авторитет за околу 1,4 милијарди католици ширум светот и нема заменик кој автоматски би ги презел неговите овластувања во случај на болест.

Доколку Папата привремено не е во можност да ги извршува своите должности, администрацијата на Ватикан продолжува да функционира нормално, но одлуките што бараат негово лично одобрение мора да го чекаат неговото закрепнување.

Текстот Ватикан објави информации за здравствената состојба на Папата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top