(Видео) Вонредна состојба во Кентаки по серијата торнада во САД, бројот на жртви расте

пред 3 години

Американскиот претседател Џозеф Бајден прогласи вонредна состојба во Кентаки откако најмалку 70 лица загинаа во сојузната држава како последица на торнадото, според новите информации.

Бајден нареди федералните ресурси да се насочат кон најпотребните локации, а претходно разговараше со гувернерите на пет држави погодени од невремето, Арканзас, Илиноис, Кентаки, Мисури и Тенеси, за да изрази сочувство и да ја потврди посветеноста за брза испорака на помош.

Во разорните бури што ги погодија американскиот Среден Запад и Југоисток, кои Бајден ги нарече „незамислива трагедија“, има повеќе жртви, а причинета е голема материјална штета.

Серија торнада ги уништија централните и јужните делови на САД во текот на викендот. Урнати се згради, уништени домови, а неколку десетици луѓе трагично ги загубија животите. Властите стравуваат дека бројот на жртви ќе расте.

Гувернерот на Кентаки, Енди Башир, изјави дека повеќе од 70 починале во една од најтешките ноќи во историјата на Кентаки. Луѓето беа оставени на милост и немилост на ураганските ветрови, а многумина не успеаја да ги спасат своите најблиски.

Повеќе од 30 торнада се пријавени во најмалку шест држави, вклучувајќи ги Мисури, Тенеси и Мисисипи.

„Прилично сум сигурен дека бројот на загинати може да надмине 100 пред крајот на денот. Нивото на уништување е различно од се што сум видел“, предупреди гувернерот Башир.

Share
Scroll to Top