(Видео) Во Иран масовен погреб, Рубио тврди дека САД не би гаѓале намерно училиште

(Видео) Во Иран масовен погреб, Рубио тврди дека САД не би гаѓале намерно училиште

пред 4 часа

Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека американските сили не би гаѓале намерно училиште, откако иранските државни медиуми објавија дека повеќе од 160 лица загинале во напад врз основно училиште за девојчиња во градот Минаб, на југот на Иран.

Според иранските наводи, нападот се случил во саботата и претставува најсмртоносен инцидент од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран.

„Јасно е дека САД не би  гаѓале намерно училиште. Нашите цели се проектили, нивното производство и лансирање, како и дронови за еднократни напади“, изјави Рубио, додавајќи дека САД немаат интерес ниту мотив да напаѓаат цивилна инфраструктура.

На прашање како би реагирал доколку се потврдат иранските тврдења, Рубио рече дека тоа би било многу трагично, но дека нема детали за настанот.

Заменик-генералната секретарка на ОН за мир, Розмари ДиКарло, изјави дека е запознаена со извештаите од Иран и дека американските власти ги проверуваат наводите. Израелскиот амбасадор при ОН, Дени Данон, рече дека видел различни извештаи, вклучително и такви според кои училиштето можеби било гаѓано од Корпусот на исламската револуционерна гарда.

Во меѓувереме, Иран одржа масовен погреб за 165 ученички и членови на персоналот убиени во саботата во она што Техеран го нарекува американско-израелски напад врз женско училиште во јужниот град Минаб.

Иранската државна телевизија денес прикажа снимки од илјадници луѓе собрани на јавен плоштад во Минаб. Мажите го мавтаа знамето на Исламската Република, главно стоејќи одвоено од жените. Толпата скандираше „Смрт за Америка“, „Смрт за Израел“ и „Без предавање“.

Фото: ЕПА

Текстот (Видео) Во Иран масовен погреб, Рубио тврди дека САД не би гаѓале намерно училиште е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top