(Видео) Големо невреме во Лондон: Поради поплави затворени осум метро станици и две болници

пред 3 години

Силен дожд и грмотевици го погодија Лондон што предизвика поплави во некои делови на главниот град на Британија, поради што беа затворени осум подземни метро станици, а две болници побарале од пациентите да не ги користат нивните ургентни центри.

Болниците погодени од поплавите Випс Крос и Њухем во неделата на „Твитер“ побараа од пациентите да одат во соседните болници, доколку е можно, сè додека не ги решат оперативните проблеми предизвикани од поплавата.

Шокантно видео покажува дека станицата Падинг Мил Лејн е поплавена, пренесе британски „Експрес“. Станица во источен Лондон е под вода висока најмалку 30 сантиметри со силно струење.

На другите снимки се гледаат автомобили и автобуси заглавени во поплавените улици додека возачите очајно се обидуваат да поминат низ водата. Повеќе автомобили биле напуштени по патишатата како што се покачувало нивото на водата. На снимките се гледаат и пожарникари кои се обидуваат да минат низ водата до колената.

„Ова е најинтензивниот дожд што некогаш сум го доживеал во оваа земја“, објави на „Твитер“ жител на Лондон, а пренесе „Експрес“.

„Ова е лудо, на некои улици водата е до колена“, објави друг корисник на „Твитер“.

Противпожарните единици соопштија дека добиле околу 300 повици, главно од населени места каде се поплавени подруми.

Бројни патишта во главниот град се затворени, вклучувајќи ги тунелот Блеквол, патот А12 и делови од Северната обиколница. Голем метеж беше создаден на други правци во градот, а осум метро станици се затворени.

Предупредување за можна бура и грмотевици е на сила за поголемиот дел од југо-истокот на Англија, а во некои области се предвидува дека ќе наврнат 75 до 100 милиметри дожд.

Share
Scroll to Top