Две лица се повредени во Холандија откако делови на авион „боинг“, почнале да паѓаат на земјата кога избил пожар во еден од моторите.
Холандските власти спроведуваат истрага откако метални делови почнале да отпаѓаат од товарниот авион „боинг 747“, кратко по полетувањето од аеродромот Мастрихт-Ахен.
Според првичните информации, наводно се запалил еден од моторите. Според изјавата на официјални лица од аеродромот, авионот започнал да губи делови додека летал над населба во близина на аеродромот.
Медиумите наведуваат дека две лица биле полесно повредени, од кои едното имало потреба од хоспитализација.
Неколку парчиња метал паднале на земјата во северниот дел на Мерсен во Холандија и повредиле две лица.
Една постара жена била погодена од парче метал во главата и пренесена во болница, а едно дете е полесно повредено и се здобило со изгореници.
Делови што паднале оштетиле неколку возила и домови. Фотографија објавена од холандските медиуми покажува голема метална прачка што пробила низ покривот на еден автомобил.
Yesterday, turbine blades of a Boeing 747-400F’s engine fell on several parked cars after departure from Maastricht Aachen Airport https://t.co/cUW0Lez0D6 pic.twitter.com/fOkW0WlQJ7
— AIRLIVE (@airlivenet) February 21, 2021
Авионот, кој патувал кон Њујорк, бил пренасочен кон Лиеж во Белгија, каде безбедно слетал.
Сличен инцидент се случи и во САД, каде во предградие на Денвер, паднаа делови од авион „боинг 777-200″.