Британската кралица Елизабета Втора традиционално денеска и се обрати на јавноста со божиќна порака во која зборува за страдањата поради смртта на нејзиниот сопруг и истовремено ги покани луѓето да го прослават овој христијански празник со пријателите и семејството, и покрај неволјите поради коронавирус.
„ Иако Божиќ за многумина е време на голема среќа и добро расположение, може да биде тежок за оние кои ги изгубиле своите најблиски. Оваа година особено ми е јасно зошто“ рече кралицата (95) во многу личен говор во кој му оддаде почит на принцот Филип, со кој беше во брак 73 години, а почина во април.
Таа го опиша принцот Филип како свој сакан и додаде дека го чувствувала неговото присуство за време на празниците, пренесува АП.
И покрај сопствената загуба, кралицата рече дека нејзиното семејство е извор на голема среќа, додавајќи дека оваа година имала четири правнуци.
„ Иако ковид значи дека не можеме да славиме точно како што би сакале, сепак можеме да уживаме во многу радосни обичаи, без разлика дали пееме, украсуваме елка, подаруваме или добиваме подароци или гледаме омилен филм чиј крај веќе го знаеме“ – рече кралицата.
Таа зборуваше и за претстојниот јубилеј следната година кога ќе одбележи 70 години поминати на тронот.