Насилни инциденти избувнаа на протестите во центарот на Тирана, каде демонстранти ја запалија влезната врата на Министерството за животна средина, а полицијата употреби големи количества солзавец за да ги растера насобраните на плоштадот „Скендербег“, јавуваат албанските медиуми.
Пожарот на влезот на министерството бил изгаснат по кратко време, но пламен бил забележан и на прозорец од истата зграда, објави албанската телевизија „Репорт ТВ“.
Total chaos in Europe. In Tirana, Albania, Ministry of Environment is on fire. https://t.co/B9GhD0PLz5
— RadioGenoa (@RadioGenoa) October 24, 2026
Во меѓувреме, ситуацијата на плоштадот „Скендербег“ ескалирала во директни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Демонстрантите фрлале камења, тврди предмети и молотови коктели кон полициските кордони, додека полицајците, распоредени во близина на Банката на Албанија, формирале одбранбени позиции и возвратиле со солзавец.
Според „Јуроњуз Албанија“, во близина на седиштето на Социјалистичката партија и Луткарскиот театар биле распоредени полициски сили. Еден маскиран демонстрант бил забележан како со праќка фрла камења на плоштадот, а дел од централното градско подрачје бил прекриен со солзавец.
Протестот го организира Демократската партија на Албанија во знак на солидарност и поддршка на студентските протести, кои траат веќе 12 дена, пренесуваат албанските медиуми.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно денеска повторно повика на дијалог, во пресрет на најавените протести на студентите и граѓаните во Тирана и во други албански градови.
Засега нема информации за евентуално повредени лица или приведени демонстранти.
Текстот (Видео) Ескалација на протестите во Тирана: Запалена влезната врата на Министерството за животна средина е превземен од МАКФАКС.





