Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Давос го повика Западот на обединет фронт против рускиот претседател Владимир Путин и да ја зајакне поддршката на Киев за Москва да не победи во војната.
Поради неподготвеноста на Западот да и помогне на Украина и стравот од ескалација на војната со Русија, се губи време, а тоа може да го продолжи конфликтот за неколку години, рече Зеленски на Светскиот економски форум во Давос.
„Путин всушност ја олицетворува војната. Тој нема да се промени. Мора да се промениме. Мора да се промениме на ниво да не победи лудилото што живее во главата на тој човек или кој било друг агресор“, рече украинскиот претседател.
Речиси две години откако Русија ја започна својата инвазија на Украина, Зеленски рече дека силно се противи на замрзнување на конфликтот според сегашните линии.
„Путин е предатор кој не се задоволува со замрзнати производи“, тврди украинскиот лидер. Зеленски зборуваше во Давос во време кога Киев повторно зазеде одбранбена позиција, откако минатата година контраофанзивата не успеа да ги пробие руските линии на окупираните територии, пишува агенцијата Ројтерс.
Киев сега е фокусиран на добивање помош од Западот, која е во застој поради политичките превирања во американскиот Конгрес и Брисел, на нова мобилизација и на изнаоѓање решение за недостигот на артилериска муниција на фронтот.
Текстот (Видео) Зеленски: Путин е предатор кој не се задоволува со замрзнати производи е превземен од МАКФАКС.






