Тензиите во источна Украина драматично се зголемија откако сепаратистите поддржани од Русија започнаа артилериски оган преку контролната линија со украинските сили, гранатирајќи една градинка во четвртокот а три лица беа повредени, пренесуваат светските агенции.
Жител на градот во источна Украина, каде градинката беше погодена, изјави дека мислел дека војната започнала кога слушнал артилериски оган.
„Се спремавме да одиме на работа, станавме и како во 2014 и 2015 година имаше многу врева, не беше далеку“, вели Дмитро, жител на станицата Луганска.
„Сите бевме вознемирени и испаничени бидејќи знаевме, очекувавме некои провокации токму во овој момент, па мислевме дека војната навистина започна“, додаде тој.
Наталија Слешарева била на работа во училиштето кога почнало гранатирањето, пренесува Гардијан.
„Децата појадуваа кога удри“, вели таа во изјава за новинските агенции. „Имаше теретана. По појадокот децата имаа час по теретана. Значи, останаа само 15 минути и сè можеше да биде многу, многу полошо“.
Објаснува дека во тоа време работела во пералната. Експлозијата ја турнала вратата во нејзиниот грб, а околу неа имало чад, прашина и скршени прозорци.
“Не можев да ја почувствувам десната страна од главата. Сè ми ѕвонеше”, рекла таа.
Украинската армија соопшти дека 32 гранати паднале врз градот, при што е повреден еден војник и прекинато е напојувањето со електрична енергија, јавувааст локалните медиуми.
Инцидентите се случуваат во време на глобална загриженост поради можноста за поширока војна, со повеќе од 100.000 руски војници во близина на украинската граница. Москва негира дека планира инвазија и рече дека повлече дел од војниците оваа недела, иако западните земји не се убедени.