(Видео) Нападнати руски пристаништа во Балтикот, суспендиран извозот на нафта и гориво

(Видео) Нападнати руски пристаништа во Балтикот, суспендиран извозот на нафта и гориво

пред 10 часа

Руските балтички пристаништа Приморск и Уст-Луга, најголемите извозни центри за нафта и нафтени производи, го суспендираа извозот на сурова нафта и гориво по вчерашните напади со беспилотни летала, потврдија за Ројтерс два индустриски извори.

Суспензијата дополнително го продлабочува глобалниот недостиг предизвикан од затворањето на Ормускиот теснец од страна на Техеран поради војната меѓу САД и Израел против Иран. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, изјави дека по нападот со беспилотни летала во Приморска, неколку резервоари за гориво се запалиле, но не го спомена прекинот на извозот на нафта.

„Транснефт“, рускиот монопол за гасоводи што управува со обете пристаништа, не одговори на барањето за коментар.

Приморск, кој може да извезува повеќе од еден милион барели сурова нафта дневно, е важен извозен центар за руската сурова нафта од Урал и висококвалитетен дизел. Според изворите, Уст-Луга минатата година извезе 32,9 милиони тони нафтени производи, а Приморск 16,8 милиони тони. Уст-Луга претоварува околу 700.000 барели нафта дневно.

Украина редовно ги напаѓа руските капацитети за извоз на нафта и рафинерии за да ја ослаби воената економија на Русија и да се спротивстави на инвазијата, која сега е во четвртата година. Таа не ги објави нападите врз балтичките пристаништа.

Товарењето на нафта беше прекинато и кога Приморск беше нападнат во септември. Овој месец, нападите со беспилотни летала влијаеја и на извозот на нафта од Новоросијск, најголемото руско пристаниште на Црното Море.

Дрозденко објави дека 35 беспилотни летала биле соборени во последните напади над регионот Ленинград, додека руското Министерство за одбрана објави дека вкупно 249 беспилотни летала биле пресретнати и уништени над Русија во текот на ноќта.

Текстот (Видео) Нападнати руски пристаништа во Балтикот, суспендиран извозот на нафта и гориво е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top