Екипажот на холандски товарен брод вчера е евакуиран по невремето во близина на норвешкиот брег, соопштија локалните власти, додека бродот останал да плови и постои опасност дека ќе потоне.
Некои од 12-те членови на екипажот скокнале во океанот пред да бидат спасени со хеликоптер, додека други биле спасени директно од палубата.
„Сите се безбедни, но пловниот објект, кој во моментов се наоѓа во Северното Море на околу 130 километри од крајбрежјето, е во опасност да потоне“, изјави Ханс Петер Мортенсон од Норвешката управа за крајбрежје.
Тој додаде дека главниот мотор на бродот откажал во текот на ноќта.
„Постои ризик да се преврти и потоне“, рече Мортенсон, додавајќи дека тоа може да предизвика излевање на дизел и мазут од резервоарот.
Изграден во 2015 година и регистриран во Холандија, Eemslift Hendrika е брод за транспорт на јахти и помали пловни објекти.