(Видео) Обид за филмски грабеж во Модена: Запалени возила и клинци расфрлани по патот

пред 3 години

Синоќа во Модена се случил неуспешен обид за напад на блиндираното возило за да се ограбат парите и скапоцените предмети што ги превезувало, пренесува италијанската агенција „Анса“.

Разбојниците, како на филм, најпрво го блокирале автопатот на јужниот излез од Модена, истуриле клинци на патот за да го оневозможат сообраќајот, запреле и под закана со оружје одзеле две возила кои ги запалиле, а потоа запреле и два камиона и ги принудиле возачите да ги постават дијагонално, како барикада на патот.

И покрај ваквите подготовки, нападот и грабежот не успеале, а како што соопшти полицијата, за среќа нема жртви или повредени, иако очевидци велат дека слушнале експлозии и пукотници.

Чадот и пламенот од запалените возила биле видливи и километри подалеку од местото на инцидентот. Отпрвин постоел страв од посериозни последици, па во акцијата на полициските сили учествувал и медицински хеликоптер.

Разбојниците побегнале и по нив се трага.

Поради обидот за грабеж на автопатот меѓу Болоња и Модена, кој е важен сообраќаен центар, превозот беше блокиран неколку часа, а Италија беше поделена на два дела. Утрово, како што пренесува агенцијата, сообраќајот на овој дел од автопатот се одвива нормално во двата правци.

Share
Scroll to Top