(Видео) Објавена снимка од апсењето на братот на Орбан: полицијата му стави лисици

(Видео) Објавена снимка од апсењето на братот на Орбан: полицијата му стави лисици

пред 6 часа

Унгарските медиуми објавија фотографии од Арон Орбан, помладиот брат на поранешниот премиер Виктор Орбан, по големата полициска операција во која беа приведени четири лица под сомнение за шверц на луѓе. Братот на Орбан беше фотографиран во полициско возило пред притворската единица во Будимпешта, додека полицијата објави снимка од апсењето на осомничените, според написите на медиумите во регионот.

Фоторепортер на унгарскиот неделник „HVG“ го фотографираше Арон Орбан во понеделникот вечерта пред притворската единица во Будимпешта, неколку часа откако унгарските власти спроведоа координирана акција на неколку локации.

Според „HVG“, осомничените биле приведени во три полициски комбиња за итни случаи, а објавените фотографии го прикажуваат помладиот брат на поранешниот унгарски премиер во полициско возило.

Во исто време, полицијата објави снимка од акцијата на која се гледа апсењето на осомничените. Едно од видеата прикажува маж во црвена кошула, со лисици на рацете, опкружен со полицајци.

Унгарските медиуми објавуваат дека облеката на мажот на видеото се совпаѓа со онаа што ја носи Арон Орбан на фотографиите пред притворската единица.

Иако полицијата првично официјално не ги објави имињата на уапсените, неколку унгарски медиуми го идентификуваа братот на Орбан како еден од осомничените.

Според соопштението на унгарската полиција, апсења и претреси се извршени на четири локации во Будимпешта, Фот и Дунакеши.

Во операцијата се приведени маж и жена кои живеат во вонбрачна заедница, како и двајца од нивните наводни соучесници.

Истражителите се сомневаат дека во текот на 2024 година, групата им помогнала на виетнамски граѓани да добијат визи за влез во Унгарија, од каде потоа го продолжиле своето патување кон западноевропските земји.

Според истражните органи, осомничените наплаќале пари за овие услуги, а се верува дека на овој начин им овозможиле патување на повеќе од 100 виетнамски државјани.

Унгарското национално истражно биро објави дека сите четворица осомничени се приведени и дека е побарано нивно апсење. Против нив се води постапка под сомнение за шверц на луѓе за материјална корист, додека еден од мажите е дополнително осомничен за злоупотреба на влијание.

Виктор Орбан: Јас сум целта, мојот брат е само алатка
Откако веста за апсењето на неговиот помлад брат одекна во јавноста, се огласи и поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, обвинувајќи ја сегашната влада дека го користи случајот за политичка пресметка со него.

Орбан на социјалните мрежи изјави дека ја смета полициската акција за политички мотивирана, тврдејќи дека нејзината вистинска цел е да го дискредитира него и неговата партија „Фидес“.

„Јас сум целта, мојот помлад брат е само алатка“, рече Орбан.

За случајот зборуваше и сегашниот унгарски премиер Петер Маѓар, кој сподели информации за апсењето на Арон Орбан на социјалните мрежи.

Истрагата е во тек, а надлежните органи продолжуваат да ги утврдуваат околностите на случајот и евентуалната одговорност на осомничените.

Текстот (Видео) Објавена снимка од апсењето на братот на Орбан: полицијата му стави лисици е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top