(Видео) Пожар во мигрантски камп во БиХ

пред 3 години

Денеска околу 11 часот избувна пожар во еден сместувачки објект во мигрантскиот камп Липа кај Бихаќ, а пожарот потоа почна верижно да се шири.

Пожарникарите и полицијата се испратени на терен, а во моментов владее паника во Липа, објави сараевскиот портал „Кликс“.

Наташа Омеровиќ, координатор на кампот, рече дека пожарот најверојатно бил предизвикан од човечки фактор.

„Не сме сигурни колкава е големината на штетата, знаеме дека пожарот започна од делот за сместување. Шаторите ги палат верижно и мислам дека сега станува збор за вандализам. Мигрантите се револтирани и лути, сега ја проколнуваат државата, тоа јасно се слуша“, рече Омеровиќ.

ИОМ за денеска најави затворање на тој камп за мигранти, што значи дека повеќе од 1.350 мигранти ќе останат на улица, бидејќи властите на БиХ сè уште не нашле соодветно решение за нивно сместување.

„Мигрантите сега се на ливада, а ние ќе ја продолжиме нашата работа на друга локација. Не знаеме што ќе се случи со 1.350 луѓе од кампот, кои сега се оставени под отворено небо. Мигрантите нема каде да останат, сега Липа гори. Снег се најавува и за утре“, рече Омеровиќ.

Покрај 1.350 мигранти кои биле сместени во кампот, околу кампот има околу двесте други мигранти.

Сите тие најверојатно ќе одат во шумата или во околните населени места, имајќи предвид дека државата БиХ не им обезбеди соодветно сместување пред зимата, пишува порталот Кликс.

Share
Scroll to Top