(Видео) Рама одби да поднесе оставка: жестоки судири во Тирана, студентите ги блокираа улиците, а полицијата употреби водени топови

(Видео) Рама одби да поднесе оставка: жестоки судири во Тирана, студентите ги блокираа улиците, а полицијата употреби водени топови

пред 5 часа

Албанскиот премиер Еди Рама денес изјави дека нема да поднесе оставка поради студентските протести што траат трет ден по ред. Полицијата денес употреби водени топови за да ги растера демонстрантите кои кршеа прозорци и оштетуваа имот во Тирана, објави Ројтерс.

Поради немирите, парламентот ја откажа седницата. Студентите бараат оставка од Рама поради зголемените трошоци за високо образование и корупцијата. Во писмени одговори за Ројтерс, албанскиот премиер рече дека владите се менуваат на демократски избори, потсетувајќи дека изборите се одржаа во Албанија минатата година, „а не револуција“.

„Мојата одговорност е да слушам, да се осврнам на легитимните загрижености и Албанија да оди напред“, рече Рама, додавајќи дека неговата оставка би претставувала предавство на граѓаните кои му го дадоа мандатот да ги заврши преговорите за членство во Европската Унија, пренесува медиумот.

Рама рече дека е подготвен да разговара за зголемените трошоци за образование, но ги осуди нападите врз институциите, уништувањето на јавниот имот и заканите за безбедноста, оценувајќи дека таквите дејствија немаат никаква врска со легитимните барања на студентите.

Во средата, десетици илјади студенти излегоа на улиците на Тирана, каде што беа запалени згради и две банки, а демонстрантите фрлаа камења кон полицијата. На улиците беа оставени изгорени контејнери, оштетени автобуски станици и скршени семафори.

Еди Рама денес изјави дека студентите не се одговорни за насилството во кое беше оштетена зградата на Колеџот на Европа во Тирана и ја обвини опозицијата дека стои зад ваквите акции, за кои рече дека имаат за цел да го нарушат имиџот на Албанија.

Во својата прва реакција на студентските протести, кои избувнаа поради барањата за подобрување на условите во образованието, Рама нагласи дека владата е подготвена за дијалог со студентите, додека сторителите на штетата ги опиша како други луѓе, кои ги поврза со опозицијата, објавува „Албанијан пост“.

„Ова не можат да бидат рацете на студентите. Ние секогаш сме подготвени да разговараме и да дискутираме со нив. Ова се други раце кои сакаат да ја соборат Албанија. Ова се рацете на опозицијата, која, со маски, заслепена од омраза, оган и железо, се обидува да ја врати Албанија таму каде што никогаш нема да се врати, во бездната од која сите заедно ја извлековме и од каде што се искачуваме кон историски врв, во Европската Унија“, рече Еди Рама.

Тој рече дека опозицијата е одговорна за насилството на студентските протести, со цел да се попречи патот на Албанија кон Европската Унија. „Колеџ Европа е симбол денес. Ова се тешки лекции, но лекции што ќе ги надминеме заедно, бидејќи Албанија ќе продолжи да се искачува, ќе продолжи по својот пат“, рече Рама.

Тој нагласи дека Албанија нема да дозволи да се врати во минатото и да биде попречена на патот кон европската интеграција.

„Никогаш повеќе оние раце што ја зграпчија албанската опозиција за грлото и ја туркаа сè подлабоко и подлабоко, нема да можат да ја освојат Албанија“, додаде премиерот.

Рама рече дека одговорните за насилството мора да се соочат со последиците од своите постапки. Откако учесниците на протестот во Тирана синоќа ја нападнаа полициската станица, кон која фрлаа молотови коктели, како и Министерството за правда и трговскиот центар „Топтани“, денес избувнаа судири со учесниците на протестот во близина на Министерството за образование, каде што демонстрантите фрлаа камења, а полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.

Текстот (Видео) Рама одби да поднесе оставка: жестоки судири во Тирана, студентите ги блокираа улиците, а полицијата употреби водени топови е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top