Гувернерот на руската област Брјанск објави дека украинските сили отвориле оган врз станбени згради во тој регион. Станува збор за област која граничи со северот на Украина, недалеку од градот Чернигов.
„Денеска украинските сили отворија оган врз селото Климово. Две станбени згради се оштетени од гранати, има жртви меѓу жителите“, напиша гувернерот Александар Богомаз на својот канал на „Телеграм“.
Руската истрага покажала дека украинските сили извршиле најмалку шест воздушни напади, тврдат руските провладини медиуми, додавајќи дека биле нападнати станбени згради. Русите тврдат дека најмалку седум лица се повредени во наводниот украински напад, а шест куќи биле оштетени.
Руски извори на социјалните мрежи споделуваат видео од наводниот напад на селото Климово во руската област Брјанск. И натаму нема независна потврда за нападот, ниту за автентичноста на снимката.
$bp(“Brid_49937936”, {“id”:”26456″,”width”:”800″,”height”:”400″,”video”:”992771″,”autoplay”:0,”shared”:true});
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека граничната караула во областа Брјанск била погодена со минофрлачи од Украина. Во инцидентот нема повредени, но некои возила се оштетени, изјави портпаролот на ФСБ за државната телевизија.
Украинското Министерство за одбрана и војската не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Советникот во украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Херашченко, на апликацијата „Телеграм“ објави дека нешто паднало и се запалило во воен објект во Брјанск недалеку од границата. Во соопштението се исмева Русија бидејќи веднаш ја обвини Украина, но експлицитно не се негира дека Украина е одговорна.
Русија извести за серија напади на украинските сили на пограничните области во последните неколку недели, вклучително и напад на складиште за гориво во градот Белгород на почетокот на овој месец.
Руското Министерство за одбрана во средата соопшти дека продолжувањето на саботажите и нападите на украинските сили може да предизвикаат напади врз Киев.