(Видео) Свлечиште во Италија однесе селски гробишта, ковчези и урни пловат во вода

пред 3 години

Жителите на селото Камоли во Италија панично трагаат по останките на нивните починати, откако свлечиште ги однело селските гробишта во море.

Околу 200 ковчези и урни пловат во Средоземното Море, а многу останки останале затрупани по уривањето на дел од ридот на кој биле гробиштата.

Свлечиштето почнало да се движи вчера околу 15 часот во селото блиску до Џенова, при што се уништени над 200 гроба и две капели кои пропаднале во морето.

Спасувачките екипи се обидуваат да ги спасат ковчезите од гробовите кои сè уште не почнале да се лизгаат по ридот.

Локалните медиуми пишуваат дека дошло до ерозија на крајбрежјето и дека земјата се покренала поради неодамнешните силни бури што ја погодија италијанската ривиера.

Локалните жители изјавија дека во нивните домови слушнале како пукаат гробиштата. Тие брзо се упатиле кон ридот и виделе како дел од ридот паѓа во бездната. Многумина се револтирани затоа што ги изгубиле своите најблиски. Димитри Перини остана без семејната гробница во која биле погребани неговите дедо и татко.

Герман Зопи е лут на локалните власти и тврди дека тие продолжиле да ги прошируваат гробиштата и да ги продаваат парцелите иако немало повеќе простор.

Селските гробишта се изградени на рид пред 150 години, а веќе некое време, како што тврди градоначалникот, се работи на зајакнување на ридот.

Градоначалникот Франческо Оливар, кој по професија е геолог, рече дека е тешко да се предвиди свлечиштето. Тој верува дека голем дел од ковчезите останале затрупани под земја.

За среќа, гробиштата биле затворени за посетители во понеделникот, па никој не е повреден во оваа трагедија.

Спасувачите се обидуваа да ги извлечат ковчезите од водата цела ноќ и утро. Останките ќе бидат испратени до патолог за да се утврди кому му припаѓаат.

Share
Scroll to Top