(Видео) Суспендирани двајца полицајци кои во Мостар претепаа момче поради кршење на мерките

пред 4 години

Главна тема во БиХ деновиве е видео снимено во Мостар на кое се гледа како двајца полицајци брутално тепаат момче.

Снимката прво беше објавена од порталот Поглед.ба, а наскоро беше пренесена и од други медиуми во БиХ.

Видеото е направено вечерта на 10. април, а нанего се гледа како млад човек трча кон влезот на зграда. Наскоро го стигнува еден полицаец, а потоа и друг.

Настанот најверојатно е снимен од надзорната камера поставена на влезот од зградата. Полицајците дивјачки го претепале момчето. Прво со раце, а потоа и со нозе.

Подоцна се дозна и идентитетот на жртвата на полициската бруталност, Славен Блажевиќ, кој во изјава ја раскажал својата страна на приказната и дал детали за нападот.

„Бев кај пријател во соседната зграда и во тие моменти одев кон мојата зграда. На пат кон дома забележав полициско возило како застанува малку подалеку од мене и во тој момент побрзав да влезам во зградата свесен дека го прекршив законот за забрана за движење, во обид да избегнам можна казна“, рекол тој на почетокот од своето објаснување:

„Како и да е, полицијата ме фати пред зградата. Видеото покажува што се случи понатаму. Се извинив што го прекршив полицискиот час, понудив да ја платам казната, но тие почнаа да ме удираат. Потоа, ме одведоа во полициска станица. Во возилото неколку пати им реков дека не ми е добро. Во станицата ми издадоа налог на кој пишуваше дека сум го прекршил правилото за движење. Никаде не беа споменати повредите, само пишуваше дека сум ја прекршил забраната за движење од 21 до 5 часот. Откако го напишаа прекршочниот налог, ме пуштија да одам дома пеш“, изјавил Славен за Поглед.ба, додавајаќи дека на пат до дома тој постојано стравувал дека повторно ќе биде зпрен поради прекршување на забраната.

„После тоа, отидов на итен медицински преглед, сам, бидејќи не се чувствував добро. Дури и повраќав неколку пати додека одев накај дома“, објаснува тој.

Исто така за медиумите потврдил дека ангажирал и адвокат, односно дека ќе покрене приватна тужба против двајцата полицајци.

Полицијата веќе му се извини на момчето и соопшти дека полицајците се суспендирани, а случајот му е предаден на Обвинителството.

„Двајцата полицајци веднаш беа отстранети од должноста, започната е внатрешна истрага за да се испитаат сите аспекти на ваквото однесување и да се утврди постоењето на елементи на кривична одговорност на полициските службеници. Првичните информации за настанот беа проследени до Обвинителството. Ваквото однесување и вакви личности не можат и не смеат да имаат место меѓу полициските службеници“, се наведува во соопштението на Министерството.

Попладнево стотици граѓани на Мостар се собраа пред две полициски згради во центарот на градот во знак на протест против полициската бруталност над младиот човек.

Share
Scroll to Top