(Видео) Трамп го прашаа како Русија и Украина се согласиле на примирје: „Затоа што јас така реков“

(Видео) Трамп го прашаа како Русија и Украина се согласиле на примирје: „Затоа што јас така реков“

пред 3 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Русија и Украина се согласиле да ги прекинат меѓусебните напади врз енергетската инфраструктура затоа што тој им кажал да го сторат тоа. Изјавата ја даде вчера пред новинарите пред Белата куќа, иако ниту Москва ниту Киев не потврдија дека е постигнат таков договор.

Еден од новинарите го праша како може да тврди дека двете земји се договориле за примирје кога и двете страни велат дека не се согласиле на тоа.

„Па, се согласија. Знаете зошто? Затоа што јас реков: ‘Се согласувате’. Ете зошто“, одговори Трамп.

Потоа повтори дека се согласиле затоа што тој рекол дека се согласуваат.

„Таа војна мора да заврши. Тоа е катастрофа“, додаде американскиот претседател.

Трамп објави примирје, но Русија и Украина не го потврдија

Трамп во неделата, на 11 октомври, на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека Русија и Украина постигнале договор за таканаречено енергетско примирје, според кое двете земји би престанале да ја напаѓаат енергетската инфраструктура на другата страна.

Меѓутоа, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека пред објавата на Трамп не знаел за постоењето на таков договор. Тој нагласи дека Украина е подготвена да ги запре нападите врз руските енергетски постројки доколку Русија го направи истото.

Ниту Кремљ не потврди дека е постигнат договор. Портпаролот Дмитриј Песков вчера изјави дека контактите продолжуваат и дека Москва ќе ја информира јавноста кога ќе има нешто да соопшти.

И покрај објавата на Трамп, руските напади врз Украина не престанаа. Зеленски соопшти дека Русија, по најавата за примирје, нападнала најмалку шест украински енергетски објекти.

Текстот (Видео) Трамп го прашаа како Русија и Украина се согласиле на примирје: „Затоа што јас така реков“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top