(Видео) Трамп го призна поразот, најави мирна тразиција на власта

пред 3 години

Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп призна дека Џо Бајден ќе биде следниот претседател на САД, по насилниот упад на неговите приврзаници во зградата на Конгресот. Според АП, Трамп, кој во четвртокот наутро сè уште неосновано тврдеше дека изборите се украдени, синоќа објави дека ќе се фокусира на непречената и мирна транзиција на власта кон администрацијата на Бајден.

„Конгресот ги потврди резултатите. Новата администрација ќе биде инаугурирана на 20 јануари. Сега сум фокусиран на обезбедување непречен и мирен трансфер на власта. Овој момент бара зараснување на раните и помирување”, рече Трамп на видеото објавено на Твитер. Тој го осуди насилството, велејќи дека бунтовниците го извалкаа седиштето на американската демократија. Сепак, тој не зборуваше за неговата улога во поттикнување на насилство, пренесува АП.

„Вечно ми е чест да служам како ваш претседател. Им кажувам на сите прекрасни приврзаници дека знам дека сте разочарани, но исто така сакам да ви кажам дека нашето извонредно патување штотуку започнува”, рече Трамп.

Портпаролката на Трамп, Кејли Мекенени претходно изјави дека целата Бела куќа го осудува насилството што се случи во американскиот Конгрес во средата и рече дека оние што го прекршиле законот треба да бидат кривично одговорни.

„Ние го осудуваме тоа – претседателот и оваа администрација – на најсилен можен начин“, рече Мекенени пред новинарите на брифингот за печатот во Белата куќа. „Тоа е неприфатливо и оние што го прекршија законот треба да бидат гонети“, додаде таа.

Share
Scroll to Top