(Видео) Цукерберг го смени името на компанијата и откри како ќе изгледа иднината

пред 3 години

Извршниот директор на „Фејсбук“, Марк Цукерберг денеска претстави серија нови концепти насочени кон „метаверзумот“.

„Метаверзум“ е широк поим кој главно се однесува на виртуелни светови кои се достапни за поголем број луѓе и се слични на реалниот живот. До нив може да се пристапи преку интернет.

Тој најави и дека компанијата ќе го смени името во „Мета“.

Сепак, социјалната мрежа ќе го задржи своето име и отсега „Мета“ ќе поседува три големи брендови: Facebook, Instagram и WhatsApp.

Постои и веројатност дека ребрендирањето е дел од обидот да се спаси угледот на Facebook и да се оддалечи компанијата од многуте скандали кои се случија неодамна.

„Во моментов, нашиот бренд е толку цврсто поврзан со еден производ што на никаков начин не може да претставува сè што правиме денес, а камоли во иднина“, рече Цукерберг.

Сите апликации и технологии ќе бидат обединети под еден бренд, а корпоративната структура на компанијата нема да се менува, нагласи тој.

Во иднина, корисниците ќе можат да пристапуваат до други услуги на компанијата дури и без користење на Facebook, рече Цукерберг.

„Знам дека некои луѓе ќе речат дека ова не е време да се фокусираме на иднината, и сакам да нагласам дека сега има важни прашања на кои треба да се работи. Секогаш ќе има“, рече Цукерберг во текот на конференцијата за виртуелна и проширена реалност.

Facebook го пренесуваше во живо својот осми годишен настан Connect за да ги прикаже своите најнови иновации и истражувања во проширената и виртуелната реалност. Тие ја претставија и својата верзија на „метаверузмот“, комбинација на виртуелна и проширена реалност.

Така, беа прикажни серија видеа, преку кои компанијата се обиде да ја пренесе својата визија за „метаверзумот“.

Се наведува дека оваа технологија ќе им овозможи на корисниците да испрат холографска слика на концерт со пријател кој всушност на самиот настан, ќе може да седат на виртуелна маса за состаноци со колегите или да играат игри со пријателите.

Цукерберг исто така најави дека виртуелната реалност ќе се користи за повици преку апликацијата Messenger, а планира да создаде и виртуелен пазар каде што ќе може да се продаваат виртуелни производи.

„Вашите уреди повеќе нема да бидат во фокусот на вашето внимание“, рече тој.

„Очекуваме дека многу од овие технологии меѓусебно ќе се поврзат во рок од пет или 10 години. Многу од нив ќе бидат мејнстрим и многу од нас на дневна основа ќе создаваат и населуваат светови кои ќе бидат детални и автентични како и овој“, рече тој.

 

Share
Scroll to Top