(Видео) Џонсон: По божикниот ручек прочитајте го новиот трговски договор

пред 4 години

Британскиот премиер Борис Џонсон во видеопораката што ја објави синоќа ги повика Британците за Божик да го прочитаат трговскиот договор со Брисел .

Преговарачите меѓу Лондон и Брисел конечно постигнаа договор за трговските односи меѓу двете страни пред истекот на преодниот рок на крајот на годината.

Текстот на договорот во целост, на неколку илјади страници, не беше веднаш достапен за јавноста, пренесува агенцијата Дпа.

„Патем, вечерва на Бадник имам мал подарок за секој што ќе бара нешто да прочита во сонливите моменти по божикниот ручек – еве го“, рече Џонсон во пораката на „Твитер“, земајќи в раце куп документи од договорот.

„Ова е гозба – патем, полна со риби“, додаде Џонсон за договорот постигнат по преговорите во кои риболовот беше една од главните контроверзни точки меѓу двете страни.

„Верувам дека ова ќе биде основа за среќно, успешно и стабилно партнерство со нашите пријатели во ЕУ во следните години“, заклучи британскиот премиер.

Неговата победничка порака беше објавена во време кога многу Британци нема да го поминат Божик со своите семејства поради воведените ограничувања со цел да се потисне ширењето на новиот вид коронавирус, пренесува „Индекс“.

„Знаеме дека следниот Божик ќе има луѓе што ги сакаме, кои се живи токму затоа што се жртвувавме и не го прославивме овој Божик нормално“, рече Џонсон.

Share
Scroll to Top