Во Берлин се гради објект во кој ќе има црква, синагога и џамија под ист покрив

пред 3 години

Денеска во Берлин беше поставен камен-темелник за екуменски објект наречен House of One, во кој ќе се наоѓаат црква, џамија и синагога под ист покрив.

„House of One во себе содржи тешка теолошка задача: без никакви резерви да ги прими различните духовни перспективи. Тоа е место на отвореност и толеранција“, рече претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле на свеченоста за поставување на камен-темелникот во Берлин.

Шојбле ја истакна потребата од дијалог меѓу религиите, а тоа, рече тој, се покажло и преку антисемитските испади за време на анти-израелските протести во последните неколку недели.

„За жал, на ова сме сведоци и во Германија. Најновите антисемитски испади, како резултат на ескалацијата на насилството на Блискиот исток, ја злоупотребуваат верата за политички цели“, заклучи Шојбле.

Проектот House of One бил инициран од свештени лица од три вери – христијанска, еврејска и муслиманска.

Еден од иницијаторите, протестантскиот свештеник Грегор Хохберг, ја нагласува важноста на симболиката при изградбата на оваа единствена институција на историски значајно место во центарот на Берлин, каде што била црквата Св. Петар, изградена во 13 век, која била срушена за време на ГДР по претрпените сериозни штети во текот на битките за Берлин во Втората светска војна.

Градоначалникот на Берлин, Михаел Милер, проектот го нарече симбол на толеранција и успешен дијалог меѓу религиите.

Верскиот објект, кој покрај црквата, џамијата и синагогата треба да содржи и заедничка просторија за состаноци, треба да биде готов до 2025 година, а проценетите трошоци за изградба се 47,3 милиони евра. Досега се собрани 40 милиони евра од јавни средства и приватни донации од над 60 земји.

Share
Scroll to Top