Денеска во Велика Британија се потврдени 90.814 нови случаи на коронавирус, од кои повеќе од 26.000 во Лондон, поради што градоначалникот на главниот град Садик Кан прогласи вонредна состојба.
Кан истакна дека поради големиот број заразени лица е загрозено нормалното функционирање на повеќето јавни служби, од пожарникарите до полицијата, што може да создаде големи проблеми во градот, пренесе Би-би-си.
Според денешните податоци, во лондонските болници се лекуваат 1.534 пациенти со коронавирус, што е за 28,6 отсто повеќе од пред седум дена, а секој ден се евидентираат по 200 нови приеми.
Медицинските експерти предупредија дека, со оглед на екстремно брзото пренесување на сојот омикрон, британските болници би можеле многу брзо да имаат 3.000 пациенти со Ковид на ден, а единствен начин да се спречи тоа е воведување построги епидемиолошки мерки.
Денеска се пријавени 125 смртни случаи кај пациенти кои биле позитивни во последните 28 дена.
Од почетокот на епидемијата во Британија потврдени се 11.279.428 случаи на Ковид, а починале 147.173 пациенти.