Домородната заедница од Канада соопшти дека пронашла стотици необележани гробови на местото на некогашниот интернат на католичката црквата во провинцијата Саскачеван.
„Суверената автохтона федерација на Првите нации“ (ФСИН) соопшти дека откритието на гробовите е „досега најзначајно во Канада“.
Заедницата во Ковесес е една од неколкуте таканаречени „Први нации“, како што се нарекува домородното население во Канада, потомци на Инуитите и Мерисите.
Кадмус Делорм, раководител на домородната заедница во Ковесес, изјави дека останките на 751 дете се пронајдени во необележани гробови во задниот двор на интернатот во регионот Саскачеван.
„Ова не е масовна гробница, ова се необележани гробови“, рече Делорм.
Според официјалните канадски податоци, интернатот работел од 1899 до 1997 година во регионот Ковесес, на околу 140 километри источно од главниот град Регина.
Новите гробници се откриени со површински радарски скенери, што како истраги се почнати во 139 училишта низ целата земја, откако кон крајот на мај беа пронајдени останки на 215 деца, некои на возраст од три години, кои биле закопани на местото на некогашно училиште за домородни деца во Камлоупс, Канада.
Училиштата главно ги воделе христијански цркви во име на државната влада, од 1840 па се до 90-тите години на минатиот век.
Повеќето од овие деца, присилно одземени од нивните семејства и сместени во црковните интернати, (се претпоставува дека биле над 150.000 локални деца) биле изложени на физичко, сексуално и психолошко насилство.
Премиерот Џастин Трудо изјави дека е многу тажен поради новото откритие во интернатот „Маривал Индијан“.
Тој рече дека домородците кои претрпеле болка и траума се одговорност што Канада мора да ја сноси.
Канадската комисија за вистина и помирување, која објави извештај дека „училишниот систем на интернатот придонел за културен геноцид“, соопшти дека гробиштата останале на местото на училиштето „Маривал“ по уништувањето на училишната зграда.
Од ораганизацијата на домородците велат дека се во контакт со локалната католичка надбискупија, па Делром вели дека е оптимист и верува дека ќе им биде дозволен пристап до архивите за да ги идентификуваат остатоците.
„Имаме верба во Католичката црква дека ќе ни овозможи пристап. Тие не ни рекоа ‘не’. Само сè уште немаме податоци“, додаде тој.