Во Израел вакцинирани 600 деца од ризични групи

пред 3 години

Досега во Израел се вакцинирани околу 600 деца на возраст од 12 до 16 години, кои спаѓаат во ризичната група, со вакцината на Фајзер/Бионтек.

За сега не се пријавени значителни несакани ефекти, изјави израелскиот лекар Боаз Лев, член на советничкиот тим на Министерството за здравство.

Лев најави дека Министерството ќе започне кампања за безбедност на вакцините доколку се одобри имунизација за деца.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека децата наскоро ќе започнат да примаат вакцини, но тој не прецизираше кога.

„Фајзер“ неодамна вакцинираше повеќе од 2.000 деца на возраст од 12 до 15 години како дел од истражувањето, а резултатите се очекуваат за неколку месеци, пренесуваат израелските медиуми.

Фармацевтската компанија се очекува да побара итно одобрување на вакцините за таа возраст од американската Администрација за лекови и храна во првата половина на оваа година.

Вакцините во моментов се одобрени за лица над 16 години. Помладите израелски деца кои биле вакцинирани, меѓу другото, страдаат од дијабетес, тешки болести на белите дробови и срцето и рак.

Министерството за здравство предложи вакцинирање на некои тинејџери против Ковид-19 доколку страдаат од одредени болести.

Ширењето на заразата кај децата стана голема загриженост за време на третиот бран на пандемија во Израел.

Поголем процент на деца се заразени сега отколку во претходните фази на ширење на коронавирус, и се верува дека ова се должи на новите видови и фактот дека многу возрасни лица во Израел биле имунизирани.

Share
Scroll to Top